Партите коишто ја сочинуваат победничката од последните германски парламентарни избори Унијата CDU/CSU постигнаа во неделата по повеќегодишните разногласија компромис околу доселувањето во Германија, особено околу го0рната граница за бројот на имигрантите, пренесуваат медиумите во неделата вечерта.
„Основниот договор е постигнат, во моментов се работи на поединостите“, јавуваат медиумите повикувајќи се на извори блиски на Христијанско-демократската унија (CDU) на канцелрката Анела Меркел и нејзината сестринска баварска Христијанско-социјална унија (CSU) кои од неделата напладне ги започнаа преговорите во седиштето на CDU во Берлин.
Во извештаите натаму се цитираат извори блиски на преговарачките групи, според коишто е постигнат договор според кој Германија во рамките на хуманитарното населување, што претпоставува бегалци и подносители на барања за азил, годишно би примала најмногу 200.000 лица. Тоа е бројката на којашто CSU веќе со години наназад инсистира и околу којашто се водеше најжестоката дебата во традиционалната коалиција што се закануваше во еден момент и со нејзино распаѓање по многу децении.
Меѓутоа, и натаму на границите нема да има одбивања и враќања на лица кои во Германија сакаат да бараат заштита и на што инсистираше CDU. Поради тоа во договорот и идните коалициски преговори нема да се споменува терминот „горна граница“ на што досега инсистираа, пак, од CSU.
Одлучено е, исто така, дека Германија првпат во својата историја ќе добие закон за доселување со којшто би се регулирало доселувањето на стручни лица според потребите на германското стопанство.
На состанокот на првите личности на партијата од Унија, со партиските челници Ангела Меркел на CDU и Хорст Зехофер на CSU треба да се отстранат несогласувањата за Унијата подготвена да влезе во коалициски преговори со Либерлано-демократската партија (FDP) и со партијата на Зелените.
Најголемиот спор меѓу двете сестрински партии од кои CSU ја застапува неприкосновено со децении демохристијанската опција само во сојузната покраина Баварија, а CDU во остатокот од Германија, се водеше околу прашањето на лимитирањето на бројот на имигрантите коишто на годишно ниво ги прима Германија.
Во текот на 2015 и 2016 година во Германија влегоа над 1,2 милиони имигранти, бегалци и баратели на азил, благодарејќи на политиката на „отворените граници“ на канцеларката Анела Меркел, што се смета за најголемата причина за успехот на релативно новата партија, евроскептичната и противдоселеничка Алтернатива за Германија (AfD) којашто првпат влезе во Бундестагот и стана третата политичка сила во земјата. Истовремено, досега двете етаблирани партии CDU и Социјалдемократската партија на Германија (SPD) ги забележаа најслабите изборни резултати од 1949 година.
Темата на имигрантите се смета за една од најчувствителните во пресрет на најавените преговори за составување на можната влада меѓу демохристијаните, либералите и зелените. Социјалдемократите веднаш по соопштувањето на прелиминарните резултати од парламентарните избори, увидувајќи дека таквата политика им носи штета, најавија напуштање на ткн „голема коалиција“ со конзервативците и заминување во опозиција.
Особено партијата на Зелените е истрајна на тоа Германија да не отстапува од својата имигрантска политика и основното право на азил. „Ние нема да дозволиме сегашниот закон за азил да се разводни“, изјави во интервјуто за медиумската мрежа на Германија, функционерот на Зелените, Свет-Кристијан Кондлер.
Потенцијалните проблеми во коалициските преговори може да се јават и поради инсистирањето на Зелените на правото на имигрантите и бегалците коишто веќе се наоѓаат во Германија да ги доведат и членовите на своите семејства, на што се спротиставува Унијата CDU/CSU.
Од CSU по катастрофалниот резултат на Унијата CDU/CSU, а особено поради поразите на CDU претходно на изборите за покраинските избори и силниот подем на AfD најавија заострување на имигрантската политика. CSU во Баварија загуби многу гласови кои преминале на страната на AfD кој од почетокот на кризата со бегалците бара промена на досегашната имигрантска политика и построг однос кон оваа категорија доселеница.