Демократите во Конгресот изразија загриженост поради касетните бомби за Украина

Американскиот сенатор од Демократската партија, Тин Кејн и неговата сопартијка пратеничката Барбара Ли во неделата изразија загриженост поради одлуката на администрацијата на нивниот сопартиец претседателот Џо Бајден на Украина да ѝ бидат испорачани контроверзните касетни бомби забранети во 123 земји во светот, под изговор да се помогне на украинската војска чијашто долгонајавувана противофанзива не покажува речиси никакви резултати по едносмесечните обиди да се истиснат руските трупи од заземените области.

Белата куќа и Стејт департментот во петокот објавија дека претседателот Бајден го одобрил испраќањето на касетната муниција за Украина и покрај противењето на европските сојузници на САД, во рамките на новито воен пакет во ознбос од 800 милиони долари, со што вкупната американска воена помош за Киев се зголеми на повеќе од 40 милијарди долари само од почетокот на руската инвазија на крајот од февруари 2022 година.

Бројни меѓународни организации за човекови права и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ја критикуваа одлуката на Вашингтон за испраќање на ваквата нашироко забранета муниција од којашто главно со години по завршувањето на борбените дејствија гинат цивилите.

Кејн изјави дека е во недоумица кога станува збор за одлуката за испраќање на касетните бомби на Украина, бидејќи тоа би можело да ги поттикне и другите земји да ја заобиколуваат меѓународната конвенција со која се забранува употребта на овој вид оружје,

„Ваквата одлука би можела да значи зелено светло за сите други нации и тие да сторат нешто слично“, рече Кејн во неделата за телевизиската мрежа Fox News и додека дека „го цени фактот што администрацијата на Бајден се фатила во костец со ризиците што тоа ги носи“.

„Тие нема да ја користат таа муниција против руските цивили“, тврди Кејн без да ги коментира извештаите за користење на касетните бомби од страна на украинските сили уште од почетокот на граѓанската војна во 2014 година кога по превратот во Киев и низата закони со кои беа забранети рускиот јазик и емисиите на руски јазик се отцепија доминантно руските и рускојазични источни региони Доњецк и Луганск.

Сенаторот Кејн, кој е член во Комитетот за вооружените сили на горниот дом на американскиот Конгрес, за потенцијалното украинско користење на тие бомби неубедливо додаде дека Киев „дал гаранции коишто во петокот ги објави Белата куќа“.

Касетната муниција е забранета во 123 земји во светот, но САД и покрај бројните повици од домашната јавност и сојузниците не се потписници на таа конвенција во што беа следени и од Русија и од Украина, а со која се забранува производството, складирањето, транспортот и употребата на овој вид вооружување.

Касетните бомби се истрелуваат како проектили од хаубици, топови и рачни фрлачи. Содржат стотици мали експлозивни направи, често со необични форми привлечни особено за деца, кои се распрснуваат на големо подрачје од големина на неколку фудбалски игралишта до повеќе хектари површина.

Многу почесто од војниците од овие експлозивни направи страдаат цивилите, а меѓу нив честопати многу деца. Оние кои нема да експлодираат веднаш, претставуваа опасност уште децении по завршувањето на конфликтите.

Во неделата и демократската пратеничка Барбара Ли ја повика администрацијата на претседателот Бајден повторно да го преиспита овој чекор.

„Касетните бомби никогаш не би требало да бидат користени. Тоа значи да се премине границата“, изајви Ли за телевизијата CNN, додавајќи дека САД со испраќањето касетни бомби во Украина ризикуваат да го загубат „моралното водство“.

Поддршката за Украина главно беше двопартиска во САД. Администрацијата на Бајден и некои пратеници од Демократската и од Републиканската партија ја бранеа оваа одлука за тоа ова контроверзно оружје да му се испорача на Киев со објаснување дека тоа е потребно за да се забрза украинската протиофанзива, за којашто се признава дека сепак не ги дала очекуваните напредувања.