Демократскиот сојуз (ДС), како дел од владејачката коалиција предводена од СДСМ, во петокот ден по извештајот на Транспаренси Интернешнл за степенот на корупцијата во земјата, ја повикува Владата „сериозно да го земе предвид“ фактот дека Македонија „стагнира во борбата против корупцијата и назадува“ во рангирањето според Индексот за перцепција на корупцијата за минатата 2020 година, на кое падна на 111-то место од 180 земји.
„Наместо да се бараат причини и изговори за ова најниско рангирање во досегашните мерења на перцепцијата на корупцијата од страна на реномираната меѓународна организација Транспаренси интернешнел, Владата треба да отпочне решителна борба против корупцијата која го разјадува нашето општество, почнувајќи од највисоките политички кругови, Владата, министерствата, државните агенции, јавните претпријатија, судовите, обвинителствата, па сѐ до најниските ешалони на власта“, се вели во соопштението на ДС.
Во објавата се додава дека споменатото истражување укажува на тоа дека ставот на граѓаните е дека Македонија назадува во борбата против корупцијата, што во Демократскиот сојуз оценуваат дека е важен сигнал дека „состојбата е алармантна“, поради што борбата против корупцијата и организираниот криминал не смее да остане само декларативна заложба.
„Демократскиот сојуз ја потсетува Владата дека во својата политичка програма и особено во програмата за декриминализација – ДЕКРИ има предвидено низа мерки и активности за борба против организираниот криминал и корупцијата, за правна држава и независно, одговорно и професионално судство и ја охрабрува Владата да преземе одлучни чекори во оваа насока.