Демократските гувернери формираат група против најавените политики на Трамп

Гувернерите на американските сојузни држави Илиноис и Колорадо во средата изјавија дека заеднички ќе водат коалиција од државите во кои во власта доминираат демократите за борба против мерките што новоизбраниот републикански претседател Доналд Трамп вети дека ќе ги спроведе кога ќе ја преземе функцијата.

Со таканаречената група „Гувернери за зачувување на демократијата“, демократите ЏејБи Прицкер од Илиноис и Џаред Полис од Колорадо им се придружуваат на државните обвинители и другите гувенери кои доаѓаат од Демократската партија кои ветија дека ќе се спротивстават на најавените конзервативни политики на Трамп, од проблемот со имиграцијата до укинување на некои мерки за заштитата на животната средина за кои тој и неговите поддржувачи сметаат дека се апсурдни и штетни.

Трамп, кој ја победи демократката Камала Харис на минатонеделните избори, вети дека ќе користи федерални алатки за да ги истражи неговите политички непријатели и да ја започне најголемата програма за депортација на нелегалните доселеници во американската историја и да стави крај на програмите за промовирање и потикнување на „родовите различности’ во образованието.

Во претходните години, конзервативните сојузни држави, во прв ред Тексас, со тужби и други чекори настојуваа да ги ограничуваат претседателите од Демократската партија . Јавниот обвинител на Тексас, Кен Пакстон, испрати е-пошта оваа седмица во која ја претставува својата 100-та тужба против администрацијата на актуелниот претседател Џо Бајден.

„Ја основавме групата затоа што знаеме дека само надеждта нема да ја спаси нашата демократија. Тоа треба да се заштити и зајакне со заеднички сили, особено на ниво на сојузни држави“, објасни Полис, објавувајќи го основањето на групата.

Двајцата политичари не кажаа како воопшто имаат намера да го постигнат тоа.

Останува отворено прашањето колку ќе биде успешна новата група предводена од демократите. Државите предводени од демократите се бореа против политиките на Трамп за време на неговиот прв мандат, а тој сепак успеа да ги спроведе конзервативните политики, од енергетиката до ограничувањето на имиграцијата.