Населението во Белгија денеска излезе на улиците за да го покаже своето незадоволство од високите трошоци за живот. Демонстрациите го принудија бриселскиот аеродром да ги откаже сите полетувања во понеделникот, а многу автобуски линии низ земјата беа суспендирани.
Синдикатите во соопштението наведоа дека очекуваат десетици илјади луѓе да присуствуваат на демонстрациите во Брисел. Железничкиот транспорт работи, делумно за да им овозможи на демонстрантите да дојдат во Брисел.
Од аеродромот во градот соопштија дека не може да се дозволи полетување на патнички летови, бидејќи штрајкот се проширил на безбедносниот персонал. Локалниот јавен превоз може да обезбеди минимални услуги, пренесува Ројтерс.
Инфлацијата во Белгија достигна 9 отсто во јуни, како одраз на наглото зголемување на трошоците за живот, а најмногу поради тоа што руската инвазија на Украина ги погоди синџирите за снабдување со жито и предизвика пораст на цените на енергијата.
Белгискиот премиер Александар Де Кро рече дека белгиските работници се подобро заштитени од нивните колеги во повеќето други земји од Европската унија, бидејќи платите се индексирани според инфлацијата.
Тој за јавната телевизија РТБФ изјави дека владата ги продолжила мерките за намалување на даноците на продажбата на гас, електрична енергија и гориво до крајот на годината.