
Од повеќе извори е потврдено дека претседателот на Украина, Виктор Јанукович го напуштил Киев. Моментно во престолнината на Украина е мирно.Демонстрантите до рано наутро останаа на Плштадот на независноста каде што изразија почит за убиените во судирите. За денеска од 11 часот по локално време е закажано официјално потпишување на договор меѓу опозицијата и Владата.
Медиумите јавуваат дека демонстрантите потполно ја презеле контролата над градот. Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Барак Обама синоќа разговараа за ситуацијата во Украина, а рускиот лидер ја нагласи важноста на примена на итни мерки за стабилизација на ситуацијата во таа земја.
Виталиј Кличко во обраќање во парламентот истакна дека Јанукович го напуштил главниот град и дека мора да се распишат избори.
„Милиони Украинци гледаат само еден излез од кризата, вонредни претседателски и парламентарни избори,“ изјави Кличко и истакна дека истите би можеле да се одржат на 25 мај.
Репортерот на Би-Би-Си јавува дека претседателската палата потполно е напуштена и дека нема ниту трага од полицијата која го чува влезот. Сите информации говорат дека Јанукович го напуштил Киев и дека е на истокот на земјата.