Во масовните протести против актуелниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, демонстрантите го запалиле и урнале споменикот на неговиот харизматичен претходник Уго Чавез кој истапи од армијата и го доведе на власт левичарското движење, пишува весникот Nacional.
Според информациите на весникот демонстрантите прво го запалиле споменикот на плоштадот во градот Виља дел Розарио, по што тој се урнал. Видео од инцидентот било поставено на социјалната мрежа Twitter.
Локалните власти сé уште не го коментирале настанот, пишува Nacional.
Протестите во Венецуела започнаа по одлуката на Врховниот суд со којашто сериозно се ограничуваат овластувањата и власта на Националното собрание. Одлуката беше поништена, но поддржувачите на опозицијата излегоа на улиците со барањето за оставка на судиите во Врховниот суд и спроведување предвремени парламентарни избори.
По секојдневните протести кои траат од пред повеќе од еден месец и повиците на опозицијата за одржување предвремени парламентарни избори, претседателот на Венецуела, Николас Мадуро објави воспоставување ново народно собрание коешто би ги имало овластувањата за измени на уставот.
Левичарската влада на Мадуро тврди дека десната опозиција поттикнува улично насилство и го одбива дијалогот, па затоа наводно нема избор туку да ја измени структурата на власта за да се врати мирот во земјата којашто е еден од поважните произведувачи на нафта чијашто продажба е и речиси единствениот приход во буџетот.
„Една од целите за воспоставување на уставното собрание е да се создадат услови за стабилност на земјата за да може да се започне со изборните процеси“, рекол Елас Хуо, функционер на Социјалистичката партија. Според него, во моментов во земјата не владеат нормални услови.
Противниците на претседателот Мадуро, поранешен возач на автобус кој ненадејно го наследи харизматичниот лидер Уго Чавез по неговата смрт, тврдат дека тој всушност има намера новото собрание да го состави од свои приврзаници за да ги избегне изборите коишто, поради тешката економска криза и галопирачката инфлација, најверојатно ќе ги загуби.
Опозицијата стравува дека новата институција уште повеќе ќе го турне настрана Националното собрание во коешто мнозинството го има опозицијата и ќе отвори пат за недемократски промени на уставот. Тоа, како што истакнуваат од опозицијата, би ја одвело Венецуела во диктатура.
Регионалните избори кои требаа да се одржат во Венецуела минатата година, допрва треба да бидат распишани, додека претседателските избори се закажани за следната 2018 година.
https://www.youtube.com/watch?v=Ja5afePudHs