Денешниот ден е прогласен за Ден на македонскиот јазик, во чест на 5-ти мај 1945 година кога тогашната Народната влада на некогашната Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.
Владата го прогласи овој ден за Ден на македонскиот јазик на 130-та седница одржана на 16-ти април 2019 година.
Прогласувањето е во чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945-та за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо и озаконувањето на првиот правопис со што беше стандардизиран македонскиот јазик.
Азбуката е создадена на 3-ти мај 1945 и е предложена на тогашната влада. Таа ја прифатила и азбуката е официјализирана на 5-ти мај со објавување во дневниот весник „Нова Македонија“, зашто во тоа време не постоел Службен весник каде што државата ги објавува своите одлуки. Објавувањето на 5-ти мај се смета за службен документ.
Процесот на создавање на азбуката бил долг и не бил лесен. Тоа го опишал и Блаже Конески. Имало две комисии, според некои три, и не се согласиле сите одеднаш.
Идејата е 5 мај да биде ден на македонскиот јазик од работен карактер и да се одбележува таму каде што е најпотребно – од најниските степени на образование до највисоките – со пригодни реферати, рецитали или со детали од историјата итн.
На 2 август 1944 делегатите на Првото заседание на АСНОМ го прогласиле македонскиот јазик за официјален во македонската држава. На 3 мај 1945 е усвоена македонската азбука, а на 7 јуни е усвоен македонскиот правопис, со што се стандардизира македонскиот јазик и станува јазик на државата – во тоа време Демократска Федерална Македонија која е во заедница со другите југословенски народи. Секој си имал свој државен јазик и македонскиот се издигнал на ниво на државен јазик.
Првата стандардизација е направена уште од Крсте Мисирков во 1903-та, но не заживеала, освен во неговата книга, затоа што не постоела држава за да стане стандарден јазик односно да биде јазик на администрацијата, образованието, на науката и на културата воопшто. Стандардизирањето е овозможено со создавањето на државата, со АСНОМ во 1944 годин