Ден на жалост утре во Прилеп, откажани сите манифестации

Советот на Општина Прилеп вечерва одржа вонредна седница и донесе Одлука за прогласување на ден на жалост во Прилеп по тешката сообраќајна несреќа која се случи утринава, а во која животот го загубија прим. д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска.

Согласно одлуката утрешниот ден, петок 4 октомври ќе биде прогласен за Ден на жалост!

Утре се откажуваат сите културни и спортски манифестации во општината, а знамињата пред општинската зграда и македонското знаме на влезовите од градот и на јарболот во центарот на градот ќе бидат поставени на половина копје.

Општина Прилеп апелира до сите општествени чинители да ги одложат сите јавни и приватни прослави, забави, културно-уметнички и спортски настани, партиски и друг тип на промоции предвидени за утре, а угостителските објекти и локалните радиодифузери да ја прилагодат музиката според одлуката.

Градоначалникот Борче Јовчески изрази сочувство до семејствата за огромната загуба истакнувајќи дека Прилеп и Македонија изгубија врвни лекари специјалисти, еминетни и почитувани луѓе.

-Тоа беа мои колеги, мои сограѓани со кои се сретнував низ работата и секојдневието. Тоа беа почитувани луѓе за кои сеуште сум во неверување дека повеќе ги нема… Прилеп и Македонија изгуби врвни лекари специјалисти, еминетни и почитувани луѓе, посветени и одговорни граѓани, кои спасувале илјадници човечки животи и помагале на многу луѓе со својата специјалност, но ги загубија животите, патувајќи токму, на своите работни места во Битола за да им помогнат на други луѓе, истакна Ковчески.

Прилеп вечно ќе се сеќава на Прим. д-р Александар Ристески, спец. радиолог, д-р Никола Василески гинеколог и Фанче Јованоска радиолошкиот технолог, кои ќе бидат вечна тага и непребол.