Во Македонија денеска е ден на жалост поради трагичната хеликоптерска несреќа во која животот го загубија четворица припадници на Министерството за внатрeшни работи – началникот на хеликоптерската единица Драги Мицев и пилотите Марјан Трајковиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички.
Владата во саботата на седница донесе одлука понеделник да биде ден на жалост на територијата на Република Македонија.
Марјан Трајковиќ беше погребан вчера во Куманово, додека Мицев, Орешков и Лопатички ќе бидат погребани денеска во Скопје.
Несреќата во која загинаа припадниците на хеликоптерската единица на МВР се случи во четвртокот околу 22 часот во близина на Струмица, за време на ноќен тренажен лет, кога леталото удрило во антенски столб на Македонската радиодифузија висок 120 метри. Хеликоптерот МИ17-V5 летал на релација Скопје – Кавадарци – Валандово – Струмица – Берово – Делчево и обратно.