Дендиас: Иднината на Западен Балкан ќе ја одреди и стабилноста во нашиот регион

Солунската агенда за европската перспектива на балканскиот полуостров му служи и на грчкиот интерес. Секогаш сакавме и сакаме да функционираме како мост на соработка меѓу северот и југот, порача министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас, говорејќи на форумот „East Macedonian & Thrace Forum“, што се одржува во Александруполи, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас истакна дека „иднината на Западен Балкан ќе ја одреди и стабилноста во нашиот регион“, се осврна на Солунската агенда за која рече дека има „големи успеси, бидејќи источен Балкан е веќе во Европската Унија“.

-На Западен Балкан имаме многу повеќе работа да сработиме, секако секогаш во рамките на европското законодавство, односно и во заштитата на владеењето на правото, посочи Дендиас.

Говореше и за идните предизвици и промени во поширокиот регион, запрашувајќи се, што ќе се случи во Северна Македонија по изборите, каква ќе биде ситуацијата во Косово и Босна и Херцеговина, но во Турција по повлекувањето на Ердоган.

-Освен иднината на нашата соседна земја, што не сакам да кријам, за Грција најдобро е да имаме демократска и просперитетна Турција, не можеме да не ја земеме предвид и иднината на Западен Балкан, а тоа ќе ја одреди стабилноста во нашиот регион. Што ќе се случи во Северна Македонија, особено по изборите? Како ќе се развива ситуацијата во Косово? Каква ќе биде ситуацијата во Босна и Херцеговина во следните децении и секако не можеме да игнорираме што се случува јужно од нас, во појасот Газа, не можеме да игнорираме што се случува на африканскиот континент, посочи Дендиас.

Подвлече дека за соочување на сите потенцијални промени и предизвици потребно е меѓу другото национален консензус, соработка, но и национален план.