Адвокатот на првоосомничениот за двојното убиство, Васко Стојков синоќа е приведен во Скопје. Скопското јавно обвинителство денеска треба да одлучи дали ќе биде побаран притвор за него.
Тој пред неколку дена рече дека неговиот клиент и пријател, Љупчо Палевски побарал од него да го однесе во Белград на лекарски прегледи, но дека не знаел дека е осомничен за убиствата. Стојков веќе еднаш бил испрашуван од полициски инспектори во однос на неговото патување до Србија.
Како што веќе соопшти МВР, од Белград, Палевски со сега приведениот струмичанец Стефан Димковски, со возило „Ренџ ровер“ од Белград преку Бугарија, заминал за Баликесир, Турција.
Прашањето што се поставува е дали адвокатот Стојков во тој момент знаел дека Палевски е првоосомничен за киднапирањето и убиството на малолетната Вања Ѓорѓевска и поранешниот бербер Панчо Жежовски од Велес.
Веќе е испратено барањето за екстрадиција.
Министерот за правда, Кренар Лога очекува соработка со турските правосудни органи и во најкус можен рок Палевски да биде изведен пред органите на правдата во нашата земја. Побарано е Палевски да биде задржан во притвор се до завршување на постапката за екстрадиција. За неговото лишувањето од слобода добиено е и официјално известување од Интерпол.