Собраниската седница за избор на новата Влада почнува денес во 11 часот, а треба да заврши најдоцна до недела на полноќ.
Мандатарот, Христијан Мицкоски, претходно неделава го достави предлогот за состав на владата и програмата за нејзината работа. Тој денес ќе треба да ја образложи програмата и предлогот, по што почнува расправата во Собранието.
Како што кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата со Вреди и ЗНАМ се обединува на четири столба.
„Првиот е најважен – борба против криминалот и корупцијата, вториот подобрување на стандардот на граѓаните односно економската состојба во целина, третиот забрзување на процесот на евроинтеграции на Македонија како држава и четвртиот се разбира дека е рамномерен развој, забрзување на процесот на децентрализација“, рече Мицкоски.
Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата во целина, со јавно гласање. Гласањето се врши по завршување на претресот, а најдоцна во недела на полноќ.
Владата е избрана ако за неа гласа мнозинството од вкупниот број пратеници.
Претседателот на Собранието го известува претседателот на Македонија за изборот на Владата.
Новата Влада што ја предложи Мицкоски ќе брои 24 члена. Покрај премиерот, ќе има уште 23 министри, од кои 20 со ресор.
Во владиниот кабинет на Мицкоски, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.
Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.
Досегашниот технички министер за внатрешни работи Панче Тошковски е предложен за министер во овој ресор, за надворешни работи и надворешна трговија актуелниот градоначалик на Општина Аеродром Тимчо Муцуски, а за финансии потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Кочоска Димитриеска. За заменик претседател на Владата и министер за транспорт е предложен партискиот потпретседател и пратеник во повеќе мандати Александар Николоски, во ресорот одбрана пратеникот и поранешен министер за транспорт Владо Мисајловски, а за информатичко општество и дигитална трансформација е предложен досегашниот дополнителен заменик министер во овој ресор Стефан Андоновски. Министер за локална самоуправа ќе биде поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински кој во изминатиот период го водеше и кабинетот на Мицкоски.
Во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е предложена Сања Божиновска, актуелен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и експерт во енергетиката, Цветан Трипуновски во земјоделство, шумарство и водостопанство, Весна Јаневска во образование и наука, во Министерството за култура и туризам актерот Зоран Љутков, а во Министерството за спорт ракометарот Борко Ристовски.
Вицепремиерски места ќе имаат и коалициските партнери Социјалистичката партија и Демократската партија на Србите. Љупчо Димовски, претседателот на СП ќе биде вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ, претседателот на ДПС вицепремиер задолжен за односи со заедниците, додека Шабан Салиу ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.
За министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата е предложен Изет Меџити од коалицијата Вреди, за министер без ресор и заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење е предложен Арбен Фетаи, за министер за здравство Арбен Таравари, а Орхан Муртезани е предложен за министер за европски прашања, додека за министер за социјална политика, демографија и млади е предложен Фатмир Лимани, а за министер за економија Бесар Дурмиши.
Од Движењето ЗНАМ предложени се Игор Филков за министер за правда и Горан Минчев за министер за јавна администрација.
Со изгласувањето на новиот владин состав во Собранието, Христијан Мицкоски ќе биде 13-тиот премиер, а ќе ја предводи 20-тата влада од осамостојувањето на државата.