Во Кривичниот суд Скопје денеска ќе биде изречена пресудата за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот. Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ.
На последното рочиште бранителите на обвинетите побараа ослободителна пресуда, додека јавната обвинителка Тања Трајчевска побара осудителна пресуда.
Обвинетиот Анџело Ѓоргиевски, во своите завршни зборови за случајот побара од судот да го казни за тоа што реално го направил, а според него тоа не е убиство со умисла. Ѓоргиевски рече дека во ниеден момент не сакал да го повреди, или како било да му наштети на сега починатиот Денис Тот.
Обвинетата Клементина изјави дека останува во целост со завршните зборови на нејзините адвокати и рече дека ѝ е жал за случајот, за кој, како што рече, „во никој случај не сакав да се случи тоа“.
Обвинетиот Андреј Костовски рече дека му е криво и жал за настанот и како олеснителна околност го посочи фактот што самиот се пријавил во полициската станица за расветлување на случајот.