Денес состојбата на бензинските пумпи е нормална

Недостиг на официјални владини информации за точните количини на горива кои ги има во Македонија е една од причините за вистинскиот хаос што синоќа се случуваше на бензинските пумпи низ земјава. Освен огромни колони на возила кои можеа да се забележат пред пумпите, дел од граѓаните и со канти и поголеми туби се обидуваат да си направат сопствена резерва. Граѓаните паднале на шпекулација, тврди претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски. Бензини и дизел горива има во доволна количина, но колку ќе порасне цената во понеделник не можеше да ни каже.

„Во ниту еден момент не е доведено во прашање непреченото снабдување со нафтени деривати на територијата на цела држава, бидејќи ние како држава 95 отсто од потребите ги обезбедуваме од Грција“, рече Бислимовски.

Во текот на вечерта се појавија и информации дека дел од бензинските пумпи го ограничиле количеството на гориво кои може да се наточи, односно дека не давале повеќе од 1.000 денари по возило. Регулаторот вели дека нема надлежности во работата на бензинските пумпи, но додава дека веднаш пријавиле во пазарниот инспекторат, бидејќи не е дозволено лимитирање на количините. Инспекторите пак за Алсат велат дека на терен не затекле прекршување на правилата.

„Во текот на минатата ноќ извршивме повеќе контроли на бензински пумпи, не утврдиме ограничување на продажбата. Кога не се утврдува на лице место, не може да се санкционира или да се напише казна“, наведоа од Државниот пазарен инспекторат.

Дека и натаму цената на горивата во малопродажба се очекува да расте говори податокот кој вели дека последниве неколку дена има драстично зголемување на цената на нафтата на светските берзи. Инаку, во Македонија цената на горивата се зголемуваат континуирано по последниве 10 недели. Засега регулаторот вели дека нема потреба од ставањето во функција на државните нафтени резерви. Претставниците од Владата ниту денеска не се појавија во јавноста да дадат аргументи дека состојбата е под контрола. Граѓаните ги известија само преку соопштенија дека не треба да се крева паника. И натаму Владата не се откажува од дел од заработката од продажбата на горивата за да придонесат за пад на цената.