Денес во Благоевград се отвора македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“

Во Благоевград за денеска е закажано отворањето на македонскиот културен центар со името „Никола Вапцаров“.

Од македонските претставници во име на претседателот Стево Пендаровски ќе присуствува генералниот секретар Миле Бошњаковски, а премиерот Димитар Ковачевски најави дека нема да присуствува. На отворањето на клубот присуство најавија и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев, а ќе замине и делегација од Демократскиот сојуз.

Од Кабинетот на претседателот Пендаровски во петокот информираа дека тој добил покана да присуствува на отворањето на клубот, но дека поради претходно закажани обврски нема да присуствува.

-Со оглед на претходно преземените обврски, претседателот не е во можност лично да биде присутен во Благоевград, но, во негово име ќе присуствува генералниот секретар на Кабинетот на претседателот Миле Бошњаковски, информираа од Кабинетот на претседателот.

Премиерот Димитар Ковачевски во четвртокот изјави дека нема да присуствува на отворањето на клубот „Никола Вапцаров“, но повтори дека треба да се поттикнуваат и поддржуваат клубови кои имаат цел да ги зближуваат државите и народите.

– И претходно кажав дека како држава во Благоевград ќе отвориме македонски културен центар, каков што имаме во Софија. Министерството за култура веќе ги има подготвено потребните документи, треба да се стапи во контакт со бугарската Влада. Писмото за отворање на државниот културен центар ќе биде испратено пред Нова година и врз основа на процедурите, ќе отвориме македонски културен центар во Благоевград, каде што ќе присуствува и македонската Влада, рече Ковачевски.

И вчера во изјава за медиумите Ковачевски го повтори својот став и додаде дека на бугарските институции е да проценат на кој начин е регистриран македонскиот клуб во Благоевград.

-Во однос на тоа на кој начин е регистриран, останува на институциите на Бугарија да проценат, исто како што формирањето на бугарските клубови во нашата држава останува на оценка на нашите институции, рече Ковачевски, порачувајќи дека меѓу двете држави треба да се формираат организации и настани што ги зближуваат државите.

На иста линија со Ковачевски е и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој рече дека нема да присуствува на отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград, ниту, пак, дека ќе има владина делегација и делегација од СДСМ.

– Ова е приватна иницијатива. Секој чекор во таа насока треба да придонесе за намалување на тензиите и отворање на можностите за соработка. Ќе видиме дали овој клуб ќе има таков ефект. Секој има право да си прави приватна иницијатива, но ние не сме должни да присуствуваме на отворањето на секоја иницијатива, рече Маричиќ за „Студио 10“ на ТВ24.

Тој појасни дека се уште немаат информација кој стои зад иницијативата во Благоевград и што е нејзината цел и додаде дека подобро е институционално да се водат работите.

И министерот за надворешни работи Бујар Османи во петокот на брифинг со новинарите во Скопје потврди дека нема да оди на отворањето на клубот, бидејќи смета дека ниту тој клуб, ниту пак бугарските што се отвораат тука им одат во корист на македонската заедница во Бугарија или на бугарската заедница во земјава.

Османи смета дека како што отворањето на клубовите во Охрид и Битола, така и отворањето на клубот во Благоевград, не е во функција на добрососедските односи меѓу двете држави. Додаде дека ова негово мислење, било поткрепено и со податокот, кој го финансира клубот во Благоевград и дека тој факт го доведува до заклучок дека тој процес не може да биде во функција на промовирање на македонската заедница, на интересите на граѓаните Македонци таму, на односите меѓу двете држави, на добрососедството.

-Кога дознав кој го финансира клубот ми беше јасно. Тоа е фондација од Канада, која има и своја веб-страница и доколку ги гледате позициите кон државата, кон стратешките интереси на државата ќе видите дека не е во функција на тие стратешки интетреси и не очекувам дека ќе биде во функција на граѓаните и на односите меѓу двете земји. Фактот што финансиер на тој клуб е тоа здружение за мене е доволен факт дека оваа иницијатива нема добра намера, рече Османи.

На изјавата на Османи реагираше ОМО Илинден Пирин, посочувајќи дека никој не крие кој стои зад културниот центар.

Во објавата насловена „Отворена порака до Османи“, ОМО „Илинден“ – ПИРИН наведува дека било познато кој стои зад отворањето на Македонски културен клуб „Никола Вапцаров“ и дека тоа никој не го крие.

– Тоа е на право место Друштво за заштита на основни човекови права во Благоевград, друштво кое повеќе пати ја истакнува својата поддршка за евроинтеграцијата на Македонија и за добрососедството меѓу Македонија и Бугарија, наведува организацијата во реакцијата на изјавата на Османи.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека ќе оди на отворањето во Благоевград за, како што вели, да им даде поддршка на Македонците во Бугарија, да ги охрабри дека нивната матична земја стои зад нив и дека партијата ќе ги штити нивните интереси.

– Ние немаме антибугарско расположение, ние имаме промакедонско расположение. Очекувам да помине во духот на пријателството помеѓу двата народи македонскиот и бугарскиот. Одиме таму да ги поддржиме нашите во Бугарија, да дадеме поддршка како ВМРО-ДПМНЕ, јас како претседател на најголемата политичка партија, да ги охрабриме дека нивната матична држава Македонија стои позади нив и дека ќе ги брани и штити нивните интереси и дека ние како ВМРО-ДПМНЕ немаме намера да се откажеме од нашите браќа од таа страна на границата, рече Мицкоски во четвртокот.

Коментирајќи ја одлуката на државниот врв да не присуствува на отварањето на македонскиот клуб во Бугарија, Мицкоски оцени дека нивното присуство би било одлична можност да се покаже национално единство.

– Ова беше одлична можност државниот врв да дојде, за да покажеме национално единство. Да дојдат сите таму и да им дадеме поддршка на нашинците од пиринскиот дел на Македонија од Бугарија. Жалам што тие одлучуваат да слугуваат на туѓи интереси наместо на интерсите на својот народ. ВМРО-ДПМНЕ и јас ќе бидеме утре во Благоевград, рече Мицкоски.

Заменик-министерот за надворешни работи и портпарол на Министерството за надворешни работи на Бугарија, Костадин Коџабашев, на редовниот брифинг во петокот изјави дека е очигледен обидот на опозициските македонски партии да провоцираат тензии во Софија и Скопје со отворање приватен клуб со името на Никола Вапцаров.

Според Коџабашев, јасно е дека станува збор за оттргнување на вниманието на јавноста од борбата на Бугарите за права во Северна Македонија.

– Физичко лице, кое се претставува како дел од непостоечка невладина организација, изнајмил приватен простор од друго физичко лице. Семејството на Никола Вапцаров е револтирано од употребата на името на поетот во ваквите провокации, не дало дозвола и го нагласува бугарското самоопределување на поетот, рече Коџабашев.

Во пресрет на отворањето на македонскиот клуб, ВМРО – Бугарско национално движење најави протест.

Советот на Општина Благоевград неодамна излезе со декларација со која се изразува противење на отворањето на Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во овој град, со оценка дека таквиот чин претставува провокација.

– Категорично се спротивставуваме на антибугарската провокација за отворањето на т.н. Македонски културен клуб „Никола Вапцаров“ на територијата на Општина Благоевград, се наведува во Декларацијата, во која се додава дека „македонската нација е вештачки создадена од Коминтерната“.

Потенцирајќи дека „Никола Јонков Вапцаров е бугарски поет“, општинските советници на Благоевград оценуваат дека формирањето на центар со неговото име во нивниот град претставува „груба провокација од нелегитимни организации“.

– Сметаме дека сите дејствија за создавање на организација во која група луѓе се самоопределуваат како „малцинство“ во рамките на нашата национална држава се грубо кршење на Уставот и законите во Република Бугарија. Исто така, сметаме дека со ваквите провокативни дејствија грубо е прекршен Договорот за добрососедство и погазени се сите досегашни напори за подобрување на нашите односи со Република Северна Македонија и е попречен нејзиниот пат кон европска интеграција и членство во Европската унија, се наведува во Декларацијата.

Веднаш потоа уследи реакција од македонското МНР, кое ги осуди „непримерните квалификации во содржината на Декларацијата на Советот на Општина Благоевград, што се однесуваат на македонскиот народ“.

– Очигледно е дека ваквите декларации се во спротивност на интенцијата на двете влади за градење доверба меѓу народите на двете земји и со духот на Договорот за пријателство и добрососедство, чија основна цел е токму тоа, да промовира пријателство и меѓусебно почитување, се наведува во соопштението.

Од МНР уште еднаш потенцираат оти интерес на двете држави и на сите граѓани е унапредување на добрососедството. – Во оваа насока ги охрабруваме и локалните власти, но и сите други здруженија и групации за посебен фокус кон активности кои создаваат пријателство, меѓугранична соработка, економска, културна и туристичка размена, соодветно на духот на европската соработка, стоеше во реакцијата на МНР.