Со партиите од 1-то коло (17:30 ч.) денеска ќе започне петтиот по ред меѓународен турнир “Карпош опен 2015”, кој до 3-ти април ќе се одржи во хотелот “Александар Палас” во Скопје.
Вкупно 238 шахисти (од нив 33 велемајстори, 26 интернационални мајстори, 28 ФИДЕ-мајстори), од кои осум со рејтинг повисок од 2.600 поени од 26 држави, до денес наутро беа пријавени за учество.
На турнирот ќе настапат и сите досегашни победници, Србинот Роберт Маркуш (2011), Бугаринот Кирил Георгиев (2012 и 2014) и Хрватот Зденко Кожул (2013). Засега најдоброрангиран македонски шахист на турнирот е Филип Панчевски (2.485, 24-ти). Прворангиран е Србинот Иван Иванишевиќ (рејтинг 2.638)
Турнирот во девет кола и годинава е во организација на општината Карпош и со техничка поддршка на ШК Гамбит Асеко Сее, наградниот фонд изнесува 16.000 евра, од кои победникот ќе добие 2.500. Свеченото отварање е закажано денес во 17 часот.