Денеска ќе биде познат курсот по кој хрватската куна ќе се менува за евро

Хрватска денеска ќе добие дефинитивна потврда за влез во еврозоната и ќе биде познат конечниот курс по кој ќе се заменува куната за евро, па министерот за финансии Здравко Мариќ го нарече историски ден.

– Голем ден за Хрватска, би се осмелил да кажам и историски, изјави министерот Мариќ по пристигнувањето на состанокот на Советот за економски и финансиски прашања (Екофин), кој денеска ќе донесе три правни акти – одлуката за прифаќање на еврото во Хрватска, потоа измената на уредбата со која Хрватска ќе биде додадена на листата од 19 членки на еврозоната како 20-та членка. Третиот правен акт е пропис со кој се утврдува дефинитивната стапка на конверзија на куната во евро. Дефинитивниот курс на конверзија од куни во евра е информација чувствителна на пазарот, па таа ќе остане непозната сè додека одлуката конечно не биде усвоена.

Мариќ вели дека откако ќе се знае конечниот курс, ќе се активираат одредени одредби од хрватскиот закон за еврото, односно тој ќе започне прво со доброволно, а од 5 септември со задолжително двојно прикажување на цените во куни и евра. Хрватскиот министер за финансии, кој минатата недела поднесе оставка и ова е негова последна средба на Екофин, повтори дека приклучувањето кон еврозоната е добра вест не само за Хрватска, туку и за самата еврозона.