Денеска е меѓународен ден на СОС линијата за помош на деца

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ во Скопје упати апел дека за долгорочно непречено функционирање на СОС линијата за помош на децата 0 800 1 22 22 и е неопходна финансиска поддршка.

На бесплатниот СОС телефон за деца и млади 0800 12222, во рамки на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, минатата година  се регистрирани 279 контакти, со кои подоцна дополнително е комуницирано 969 пати.

Според Меѓаши, од 1993 досега  на бројот 0800 12222, добиени се над 20.000 повици, направени се 19.700 разговори, со повеќе од 7.479 деца е разговарано и понудена име дирекна помош и поддршка,  а разговарано е и со повеќе од 3.116 возрасни( родители/старатели, баби, дедовци, соседи…) кои сакале да им помогнат и да ги заштитат децата. Посветени се 202.000 работни часови во помош и поддршка на децата. Повеќе од 200 волонтери и волонтерки и СОС операторки и оператори се обучиле за работа на СОС телефонот за деца и млади.  Тие своето време и знаење го посветиле во насока на заштита и грижа за децата.

Првата Детска Амбасада во Светот Меѓаши е дел од меѓународната мрежа Child Helpline International – која ги обединува СОС сервисите за помош на деца од земји ширум целиот свет. Досега во светот на сите СОС детски линии вкупно остварени се повеќе од 126.000.000 контакти со децата или нивните родители и најблиски за проблеми кои ги имаат децата или дојави за прекршување на некое детско право.

Меѓународниот ден на детските линии за помош е глобален настан за детските линии за помош да привлечат внимание кон својата работа во заштитата и зајакнувањето на децата и младите. Се одбележува од 2007 година.