И покрај напредокот во последниве неколку години, девојките и натаму трпат сериозна обесправеност, дискриминација и исклучување, само поради тоа што се млади и што се жени. За многу девојки, пубертетот означува забрзана траекторија кон нееднаквост. Тој претставува и критичен момент за превентивни и заштитни вложувања што мора да ги направиме ако сме сериозни околу постигнувањето целосна родова еднаквост, се наведува во изјавата на д-р Бабатунде Осотимехин, извршен директор на УНФПА, по повод Меѓународниот ден на женските деца.
Обезбедувањето девојчињата да ги остварат своите права, да продолжат со образованието и да стекнат вештини и можност за приклучување кон работната сила е од суштинско значење за нивната благосостојба и главен темел за здравјето и благосостојбата на семејствата, заедниците и народите. Овие права опфаќаат избор за тоа кога и со кого девојките ќе се омажат, кога и дали ќе имаат деца, како и слобода од насилство, злоупотреба и експлоатација. Кога девојките се слободни да го дефинираат својот живот и да ги уживаат своите права, тие не само што уживаат во подобро здравје и поздрави деца, туку можат повеќе да придонесат и кон развојот на државата, како економски чинители и претприемачи, помагајќи им на своите земји да пожнеат демографска дивиденда и да остварат економски раст – вели Осотимехин.
Се истакнува дека треба да се зголемат напорите за ставање крај на детските бракови, гениталното осакатување на жените и на другите штетни практики кои ги погаѓаат девојчињата. На девојчињата треба да им се даде непречен пристап до сеопфатно сексуално образование, да се отстранат законите што го попречуваат пристапот до информации, услуги и избор, да им се обезбедат сеопфатни здравствени услуги, вклучувајќи и услуги на контрацепција, и најважно од сè, да се задржат на училиште – без оглед дали живеат во рурални или урбани средини, дали се бремени или не, и без оглед дали се во брак или немажени.
За УНФПА, успехот на Агендата до 2030-та, ќе се мери според тоа колку сите заеднички се способни да изградат свет во кој девојчињата немаат ограничувања на желбите за својата иднина, без оглед каде се родени, свет во кој адолесцентките имаат пристап до информации и услуги за сексуалното и репродуктивното здравје, и поседуваат знаење и самодоверба потребни за вистински избор на здрав живот. Свет во кој секоја девојка може слободно да влезе во продуктивно полнолетство, затоа што е образована, здрава, ослободена од сексуално преносливи инфекции, како што е ХИВ, и не е изложена на насилство, несакана бременост или небезбеден абортус. Свет во кој девојчињата се третираат со достоинство и почит во иста мера како машките и во кој, без оглед на полот, се промовираат и се почитуваат човековите права на младите.