![sofija, vera, nada, ljubov](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/09/sofija-vera-nada-ljubov.jpg?resize=640%2C356&ssl=1)
Православните верници денеска ги празнуваат светите маченички Софија, Вера, Нада и Љубов. Светици што се многу почитувани кај нашиот народ.
На овој ден се празнува споменот на познатата Римјанка Софија која своите ќерки ги воспитала да имаат вера во себеси и во Бога, да имаат надеж во неговата добрина и љубов кон ближните и кон Севишниот.
Именден празнуваат: Софија, Софка, Вера, Верица, Нада, Надежда, Натка, Љубе, Љупчо, Љубен, Љубомир, Љубосав, Људмил, Љуба.
Кон крајот на првиот и почетокот на вториот век со својата верба во Исус Христос и со својата готовност да се жртвуваат за него се прославиле четирите римјанки, мајката Софија и нејзините три ќерки маченички: Вера, Нада и Љубов. Мајката Софија била достојна на името што го носела, а што значи мудрост, премудрост. Таа и додека бил жив нејзиниот сопруг и подоцна кога останала вдовица живеела како вистинска христијанка, со добри дела, со смиреност на душата, со покорност на Божјата волја. Во тој дух и ги воспитувала своите три ќерки кои ги носеле имињата на трите најважни христијански вредности: Вера, Надеж и Љубов.
Светата црква и Софија ја прогласила за маченичка бидејќи таа е заслужна за воспитувањето на своите ќерки, а и страдала заедно со нив додека ги мачел злогласниот император Адријан.