Денеска е Спасовден – Вознесение Христово, a некои работи не смеете да го правите

Спасовден, или празникот на Христовото вознесување на небото е четириесеттиот ден од Воскресението. Господ во текот на 40 дена по своето воскресение им се јавуваше на учениците, зборувајќи им за царството Божјо.

И откако им заповеда да не го напуштаат Ерусалим, туку да го чекаат слегувањето на Светиот Дух, тој ги изведе своите ученици во Витанија, ги благослови и се вознесе на небото.

Додека учениците гледаа во облакот што го сокри Господа пред нивните очи, ангелите им објавија дека истиот Исус кој од нив се вознесе на небото пак ќе дојде на ист начин како што го видоа да се вознесува.

Овој празник се нарекува Спасовден затоа што во денот на Христовото вознесение се доврши делото на спасението.

За овој празник се врзани многу верувања и суеверија, кои во некои краишта се уште се почитуваат. За Спасовден се колеле јагниња, а старите верувале дека од Нова година до Спасовден не треба да се пие млеко. Се верувало дека на Спасовден мажите не треба да се бричат, жените да се мијат, а децата да се бањаат.

На Спасовден никако не треба да се спие преку ден, за да не се дреме цела година.

На тој ден богатите после одењето од црква повикувале гости на ручек, а помалку богатите го продолжувале дружењето пред црква, каде народот се собирал и веселел.