Св. Марина се роди во незнабожечки дом во Антиохија Писидиска. Со христијанството се запозна и се крсти на свои 12 години, по што доживеа да биде презрена од сопствените родители. Во времето на Диоклецијан, Олимвриј, царскиот намесник во Антиохија, кога слушна дека света Марина е христијанка, а пленет од нејзината убавина, првин сакаше таа да му биде жена. Кога таа одби, ја изведе на суд по секој пропис како христијанка.
Света Марина беше цели два дена подложена на мачење и најпосле обезглавена. Поголем дел од нејзините мошти се наоѓаат во манастирот Света Марина, во областа Мала Преспа (македонските села во Албанија), каде се уште се случуваат чуда над нејзините мошти.
Сите православни христијани го слават празникот на Светата маченичка Марина, позната во народот како Огнена Марија, почитувана како борец за верата Христова и заштитник на жените.
Според народното верување, Света Марина пали и казнува со оган, како Свети Илија кој казнува со молњи и таа спаѓа во “огнените” светци.
Вообичаено е на овој празник, кога заради жештините “гори небото и земјата, не се работи “ниедна работа”. Во народната традиција сочувани се примери на пожари или громови во во топлите празнични денови изгореле жито, сено и домовите на луѓето кои го прекршиле празникот и работеле на празникот на Свети Марина.
Според христијанската традиција, Светата велиомаченичка Марина е исечена со меч во својата 16. година во времето на царот Диоклецијан.
Овој празник на црквата во календарот не е означен со “црвена буква”, но сепак е многу почитуван во црквата и меѓу народот.