Православните христијани денеска го празнуваат празникот Собор на Свети Јован Крстител. Дел од Македонците овој ден го празнуваат како семејна слава, а Јован и Јована слават именден.
Црквата утврдила овој празник да се прославува веднаш после празникот Богојавление. Тоа е затоа што главната служба на Свети Јован, неговото главно дело, се состоеше во подготвувањето на народот за доаѓањето на Помазаникот Исус. Така, иако свети Јован Претеча и Крстител се прославува на неколку пати во текот на годината, неговиот собор т. е. главен празник е на денешен ден, односно на 7-ми јануари според стариот календар.
Според преданието, Јован го крстил Исус. Првичното место на служба му била јорданската пустина, а потоа јорданскиот брег. Она што тој постојано го нагласувал е дека неговото крштение со вода е само подготовка за пречекот на Месијата и дека Месијата кој доаѓа е поголем од него.
А токму Христос доаѓа кај Јордан со барање да биде крстен, за да „ја исполни секоја правда“. Јован го крштева Исус и го претставува на народот како „Јагне Божјо кое на себе ги зема гревовите на светот“ и за да „ја исполни секоја правда.“ Јован за Христос сведочел како за вистински Бог и Син Божји и Спасител на светот при тоа вршејќи ја својата служба во „духот и силата на Илија.“ Себе се сметал за недостоен да ги „одврзе ремчињата на неговите обувки“.
Како нестрашлив проповедник на богоморалниот живот, свети Јован не се воздржувал од упатување прекори на царот Ирод Антипа поради неговиот незаконски брак со Иродијада, жената на својот полубрат Филип, која во бракот ја донела и нејзината ќерка од претходниот брак.
Поради тоа, Ирод го фрлил во темница во тврдината Махир, во пустината и сакал да го убие. Од тоа го одвраќала помислата на народот, за кој свети Јован важеше за пророк. На иродовиот роденден, за време на гозбата, Салима со своето танцување го воодушевила Ирод, кој пред сите ветил дека ќе ѝ подари сѐ што ќе посака, па дури и половина царство. Откако мајка ѝ ја советувала, Салома ја побарала главата на светиот Јован Предтеча и царот ѝ ја исполнил желбата: џелат му ја отсекол главата на славниот Христов пророк и ѝ ја дал на девојката, а таа на својата мајка. Дознавајќи за тоа, учениците јованови го погребале остатокот на неговото тело.
Моштите на св. Јован Крстител се наоѓаат на неколку места низ светот, меѓу нив и Бигорскиот манастир Св.Јован Крстител во Македонија. Токму на тоа свето место се наоѓа и чудотворната икона на Свети Јован Крстител.
Моштите на крстителот на Исус, освен тука се оставени и во Пиреја, Атина, Цариград, Сирија и Црна Гора.