Денеска и утре е задушница – празник во чест на мртвите

Православните христијани денес и утре ја празнуваат Задушница, а во недела Духовден. Празникот Задушница се одбележува во чест на душите на мртвите.

На Задушница се сеќаваме на блиските лица кои се починати, ги посетуваме нивните гробови и палиме свеќи за покој на душата. Тоа е ден посветен на молитивите за покојните роднини и пријатели.

На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.

На Задушница во црквите се служи парастос на кој свештеникот со вино прелива пченица, а после службата се оди на гробовите на блиските, каде се пали свеќа и се чита молтива. Кој не може да оди на гробишта, тој пали свеќа во црква.

На Задушница се изнесува и храна на гробиштата. Таа храна се дели со луѓето кои ги посетуваат гробиштата, со спомнување за спас на душата на покојникот.

Обичај е на гробишта да се носи онолку свеќи колку што гробови се посетуваат.

Доколку на гробот некој му пријде од страна и се понуди да земе храна, иако е туѓинец, на овој ден никако не се одбива. Се верува дека е голем грев ако на Задушница некој на гроб одбие да земе храна или пак избрка туѓинец од гробот.