Министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство и за труд и социјална политика Љупчо Николовски и Јованка Тренчевска денеска ја започнаа кампањата „Здрав оброк за секое дете“. Преку овој проект секое запишано детенце во градинка еднаш неделно ќе добива по еден килограм македонско овошје, кајсии, праски, сливи, круши и јаболки од прва класа.
Николовски, Тренчевска и градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски ќе бидат и дел од креативните работилници заедно со дечињата, продготувајќи разни производи од овошје.
„Од утрово, низ сите градинки во државава веќе пристигнуваат првите пратки со домашно македонско овошје. За секое дете, по еден килограм. Кајсии, праски, сливи, круши и јаболки од прва класа, произведени во нашите овоштарници, под строг мониторинг на ДИЗ и АХВ кои ќе го контролираат квалитетот и безбедноста, од денеска, па се до декември, редовно, еднаш неделно, ќе се дистрибуираат до сите градинки, за сите 38.000 деца. Денеска поделивме 150 килограми кајсии за 150 деца колку што згрижува клонот „Панорама“ на градинката Кочо Рацин. Секое дете доби по еден килограм. Нека им се наздравје.“, рече министерот Николовски.