Денеска почнува второто полугодие, учениците на настава

По тринеделен зимски распуст, основците и средношколците денеска се враќаат на настава – пред ИТ-уредите или во училишните клупи, за да го продолжат второто полугодие од учебната 2020/2021 година.

Според Министерството за образование и наука, комбинираниот модел бил успешно воспоставен во првото полугодие и затоа нема да се менува во вториот дел од учебната година.

– Во првото полугодие најголем предизвик беше како наставниците ќе се снајдат со онлајн- наставата. Но овој предизвик е надминат и второто полугодие го продолжуваме по веќе воспоставениот хибриден модел: онлајн, со физичко присуство и со следење часови преку телевизија, рече министерката Мила Царовска пред два дена во телевизиско гостување.

Оценката на МОН е успешно прво полугодие – тек на наставата според планот, навреме завршено оценување, над 90 отсто ученици во онлајн-настава и помалку од 1 процент наставници и ученици активни на КОВИД-19 во наставата со физичко присуство.

Согласно со измените на Календарот за организација на работата на училиштата (основни и средни), првото полугодие оваа учебна година почна еден месец подоцна, односно на 1 октомври, а бројот на наставни денови е намален од 180 на 159.