Според календарот на Македонската православна црква Охридска архиепископија (јулијанскиот календар) денеска е 28-ми јуни.
Споменот на овие двајца светители се слави на 31 јануари (стар, јулијански календар). А во 412 година, свети Кирил Александриски ги пренесе нивните мошти од Канопос во Манутин, тогаш незнабожечки град. Откако ги смести нивните мошти во црквата што им беше ним посветена во градот се случија многу исцелувања. Така, преку сведоштвото на овие двајца бесребреници, на кои и по нивната смрт Господ им даде сила да лечат секакви болести, во Манутин полека-полека се утврдуваше верата во Христа.
Александрискиот патријарх свети Кирил истрајно се молеше на Бога да го уништи идолското нечестие во Манутин, каде што имаше идолски храм и владееше демонска сила. Тогаш на патријархот му се јави ангел Божји и му рече дека Манутин ќе биде очистен од нечестието ако тој ги пренесе таму моштите на светите Кир и Јоан. Патријархот веднаш го направи тоа: ги пренесе чесните мошти на мачениците во Манутин и изгради таму црква, којашто им ја посвети на светите Кир и Јоан. Од моштите на овие маченици се исцели од шкрофул Амониј, синот на александрискиот градоначалник Јулијан; некој Теодор од слепило; Исидор од Мајум се исцели од раскапување на црниот дроб; една жена Теодора од отруеност; некој Евгениј од водена болест.