Денеска продолжува расправата за СЈО

Седницата вчера беше прекината поради немање деловнички можности за работа, откако специјалната јавна обвинителка Катица Jанева ја напушти седницата на Комисијата и најави дека ќе дојде само на Пленарната седница на која ќе биде разгледуван Извештајот за работата на СЈО.

Јанева рече дека не се враќа повеќе на седницата бидејќи пратениците и прават класичен мобинг.

Комисиската расправа за Извештајот на СЈО почна во средата минатата недела.

На дневен ред на Комисијата е и Годишниот извештај за работата на Јавните обвинителства во Република Македонија за 2015 година.

Во Собранието денеска седници ќе одржат и Комисијата за образование, наука и спорт, Комисијата за култура, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Комисијата за надворешна политика и Законодавно-правната комисија.

На Комисијата за образование, наука и спорт на дневен ред е     Предлог – закон за вработување на сто најдобри дипломирани студенти на јавните универзитети во Република Македонија во второ читање и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за иновациската дејност во прво читање.

На дневен ред на Комисијата за култура е Предлог-одлуката за одржување надзорна расправа на тема „Оценка на состојбата со природното и културното наследство на охридскиот регион“. На Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство Предлог – законот за дополнување на Законот за водостопанство во скратена постапка.

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите ќе расправа  за Размена на искуства помеѓу жени политичари од  Република Македонија и Северна Ирска и Комисијата за надворешна политика    за Предлог – законот за ратификација на Спогодбата за соработка за прашања од областа на Европската интеграција, помеѓу Владата на Република Македонија, претставена од Секретаријатот за европски прашања и Владата на Република Косово, претставена од Министерството за европска интеграција.