Денеска ќе се продолжи расправата за извештајот на ЕК за Македонија. Собранието денеска ќе ја продолжи 74-та седница со расправа по Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2015-та година.
Фатмир Бесими, вицепремиерот за европски прашања на собраниската седница во понеделникот рече дека Македонија повторно доби препорака која е седма, но условена со два процеси-приоритетните реформи и имплементацијата на политичкиот договор. На Извештајот, додаде, ЕК ќе се наврати по априлските избори.
Извештајот во себе содржи три дела. Тоа се политичките критериуми, економските и способноста за превземање обврски за членство во ЕУ, истакна Бесими.
На 74-та седница на дневен ред се и измените и дополнувањата на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, на Законот за градење, на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, сите по скратена постапка.
Пратениците ќе дебатираат и по Предлог законот за изменување на Законот за здравственото осигурување, и по Предлог законот за вработување и работа на странци, двата по скратена постапка.
На денешната седница ќе се расправа и по измените и дополнувањата на Законот за учебници за основно и средно образование по скратена постапка, како и по Предлог законот за изменување на Законот за учебници за основно и средно образование, во прво читање.
На дневен ред се и измените и дополнувањата на Кривичниот законик, Предлог законот за пробација, Предлог законот за амнестија поднесен од Павле Трајанов и Лилјана Поповска, Предлог законот за дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, сите во прво читање, како и Информацијата за енормното загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија.