Државниот испитен центар денеска соопшти дека приговор на резултатите ќе може да се достави во училиштата каде на учениците ќе им биде овозможен и увид во тестот, а конечните резултати ќе бидат објавени најдоцна до 13 февруари.
За учениците кои биле оправдано отсутни, ќе биде организирано дополнително тестирање кое ќе се спроведе на 27 февруари и 2 март.
Државниот испитен центар истакнува дека јануарската сесија од екстерната проверка на постигањата на учениците од завршните години на средното образование поминала во најдобар ред и генерално без проблеми.
Со тестирањето беа опфатени 19.178 ученици кои беа тестирани по два предмети во два дена. Од страна на училиштата пријавени се само 4 прашања со технички проблем од вкупно 103.300 прашања од објавената база (две прашања со нецелосен превод, едно дупло прашање и едно прашање со два исти дистрактори). Овие прашања се поништени и избришани од базата со што учениците нема да бидат оштетени, наведува Државниот испитен центар.