Денеска рочишта за случаите „Шпион“, „Транспортер“ и „Труст“

Во кривичниот суд во вторникот треба да се одржат три судски рочишта за предметите „Шпион“ кој според новиот распоред на судии, ќе го суди судијата Владимир Туфегџиќ, „Транспортер“, кој го презеде судијката Добрила Кацарска, како и случајот „Труст“, а два од овие три предмети почнуваат од почеток поради новиот состав на судиите.

Само случајот „Труст“ го суди судијката којашто и досега го водеше предметот, односно Лидија Трајковска Зимбовска, а е во доказна постапка. Адвокатите на обвинетите Сеад Кочан, Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ, како и правните лица на фирмите, треба да ги изведат нивните докази, по што следуваат завршните зборови и пресудата. Претходното рочиште се одложи поради болест на второобвинетиот Авировиќ.

Во предметот „Транспортер“, кој треба да почне од почеток, на поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, и на уште 20-ина лица им се суди за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена злоупотреба на околу 360.000 евра. Обвинетите побараа да се снимаат аудиовизуелно судењата.