Денеска се одбележува свети пророк Михеј

По род бил од Јудиното племе, од селото Мориси. Современик е на пророците Исаија, Амос и Осија (осмиот-седмиот век). Ги разобличувал пороците на својот народ, лажните пророци, ја претскажал пропаста на Самарија, како и на Ерусалим, за кој вели дека ќе пропадне зашто неговите старешини земаат мито, свештениците учат за плата, а неговите пророци гатаат за пари.

Од сите пророштва најважно му е пророштвото за местото каде што ќе се роди Месијата, во кое вели: А ти, Витлееме, по ништо не си помал од Јудините кнежевства; од тебе ќе излезе оној кој ќе владее со Израилот и чие потекло е од оној крај на времето, од вечните денови.

Не се познати околностите во кои го завршил животот. Неговите мошти се пронајдени во времето на цар Теодосиј Велики, според откровението што му беше дадено на Елевтерополскиот епископ Зевин.