Православните верници денеска го слават големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец, меѓу народот познат како Ѓурѓовден. Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка, Ѓурѓица и други.
Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и другото население, што од друга страна зборува за фактот дека во неговата основа лежи некој голем претхрстијански празник во чест на пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто. Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден, па и во народната песна се пее за нивната поврзаност, за раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.
Ѓурѓовден е празникот врзан со најголем број обичаи што постојат во народното верување и спаѓа меѓу неподвижните празници или меѓу празниците со постојан датум. Секоја година се паѓа на 6 мај според новиот, или на 23 април според стариот календар. Овој празник се смета за граница меѓу зимата и летото, празник врзан за здравјето на домашните, женачката, плодност на стоката и добри посеви.
Главен обичај е плетење венец од билки, миење со цвеќиња, капење во река. Венецот сплетен од цвеќиња треба да се стави на влезната врата во куќата и тоа значи дека домот и годината ќе бидат богати.
Наутро со билките и со цвеќињата што домаќинката претходно ги потопила во вода, прво се мијат децата за да бидат здрави како дрен преку цела година, девојките и момчињата се грабаат околу нив, старите да бидат витални, а домашните куќата да им биде чувана.
Се верува дека на Ѓурѓовден не треба да се спие, бидејќи главата може да ве боли цела година.
Во селата се палеле големи огнови за да се избркаат сите зли и лоши сили.
Се верувало дека ако е ведро, годината ќе биде плодна, а ако врне, дека ќе биде сушна година.