Денеска собраниска седница за уставните измени, власта и опозицијата со непроменети ставови

Во Собранието денеска треба да почне 123. пленарна седница на која единствена точка на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија. Седницата е закажана за 11 часот.

Согласно Деловникот за работа на Собранието, дебатата трае најмногу десет работни дена и доколку е така треба да заврши на 31 август. Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати но, не повеќе од 30 минути вкупно. Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја носи со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници односно со 80 гласови.

Власта и опозицијата остануваат на своите ставови. За СДСМ, уставните измени се императив за граѓаните и избор меѓу „европска Македонија“ или изолација на државата, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот да не поддржи измени на Уставот во ваков формат под, како што велат, бугарски диктат и бараат предвремени избори.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера порача дека двотретинското мнозинство е потребно за продолжување на европските интеграции на државата, а не за опстанок на Владата. Избори, според премиерот, во овој момент не се решение.

-Осумдесет пратеници се потребни за глас за европска Македонија. На Владата и се потребни 61 пратеник за да може полноправно да одлучува и да работи до изборот на следната влада. Двотретинското мнозинство во Собранието за овие уставни измени е императив за секој граѓанин во државата, рече Ковачевски по посетата на компанијата „Дата Мастерс“.

 

– Пред нас се храбри и тешки одлуки, сите 120 пратеници треба да покажат државничко однесување, да бидат на ниво на задачата и да донесат одлука со која ќе се овозможи подобра иднина, за идните генерации, за нас, за нашите деца, напиша синоќа Ковачевски на „Фејсбук“ по средбата со американската амбасадорка Анџела Агелер.

И вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ упати порача дека ако навистина сакаме да ја оствариме целта – до 2030 година полноправно членство во ЕУ, сега е време тоа да се покаже на дело. Според Маричиќ, сега не е време за популизам. Блокадите од опозицијата на државата, вели тој, ѝ носат изолација, неизвесност и отвораат простор за влијанија на трети страни.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи упати отворено писмо до пратениците во кое порача дека од нивната одлука ќе зависи дали земјата ќе ги продолжи преговорите со ЕУ или ќе ги запре на подолг рок без гаранција за успех.

– Во петок Вие ќе одлучувате за европската иднина на Северна Македонија, определба за која работиме и работеа сите Влади во изминатите 30 години. Од Вас ќе зависи дали со прифаќање на промената на Уставот ќе ги продолжиме разговорите по поглавјата за членство во Унијата или ќе запреме во преговорите на подолг рок, до некоја нова шанса, без никаква гаранција за успех, поттикнувајќи го процесот на „пасошизација“ на граѓаните кои бараат европска иднина за себе, истакна Османи.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторија уставни измени нема да има. Најавија дека ќе учествуваат на пленарната седница, а пред нејзиното одржување, како што вчера изјави лидерот на партијата Хирстијан Мицкоски, ќе одржат координација.

– Уште при усвојувањето на дневниот ред, мнозинството, односно Владата на СДСМ и ДУИ ќе види дека нема двотретинско мнозинство за да го бутка овој процес. Очекувам дека нема да има дополнителна политичка гимнастика и единствена легитимна тема ќе биде одржување на предвремени парламентарни избори, изјави Мицкоски.

Претседателите на Алтернатива, Движењето Беса, и Демократското движење, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити вчера, пак, на заедничка прес-конференција побараа итно да се стави на гласање потребата од промена на Уставот и заедно со тоа да се стават и амандманите за, како што рекоа, измена на 20 проценти за албанскиот јазик, како и амандманот против застареност на случаите за политичка корупција.

Доколку на краток рок не се обезбеди потребното мнозинство за гласање на првата фаза од уставните измени, според лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, ќе биде јасно дека овој парламентарен состав нема капацитет да ги деблокира преговорите за ЕУ интеграција и ќе повикаат да се гласа за распуштање на Парламентот и распишување на предвремените избори.

На 25 јули годинава се одржа седница на собраниската Комисија за уставни прашања на која беа изгласани два заклучоци и тоа за пристапување кон измена на Уставот и за подготвување на нацрт- амандманите за измена на Уставот, доколку биде прифатена потребата за негова измена на седницата на 18 август. Двата заклучоци беа донесени со десет гласа „за“ и со седум гласови „против“.