Денеска сончево, утре дожд

Времето во Македонија денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне, особено во западните делови облачноста ќе се зголемува. Ќе дува слаб до умерен претежно јужен ветер.

Дневната температура ќе се движи од 11 до 19 степени.

Во Скопје слично време, сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен јужен ветер. Утринската температура ќе се спушти до три, а дневната ќе се искачи до 18 степени.

Утре претпладне ќе дува повремено засилен јужен ветер поизразен во западните делови од земјата, а потоа од запад брзо ќе премине влажна и постудена воздушна маса, од која ќе има повремени врнежи од дожд понекаде и со умерен интензитет. Локално и особено на запад ќе наврнат околу 15 литри на квадратен метар. На високите планини врнежите ќе се од снег. Во попладневните часови ќе започне да дува северозападен ветер кој исто така повремено ќе засилува особено вдолж Повардарието. Дневната температура ќе опадне за 3 до 5 степени.

И во Скопскиот регион утре прво ќе дува повремено засилен јужен ветер, а од средината на денот ќе започнат врнежи од дожд повремено со умерен интензитет. Овие врнежи ќе завршуваат до крајот на денот, а попладне ќе започне да дува северен и постуден, повремено засилен северен ветер.

До крајот на работната недела ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, со благ пораст на дневните температури.