Денеска напладне ќе се започне официјалниот дел од Вевчанскиот карневал, на кој на сатиричен начин ќе бидат прикажани разни случувања од политичкиот живот во земјава во текот на изминатата година.
Карневалот е организиран од двете василичарски друштва Горна и Долна маала на чело со зетот, невестата, двата ѓавола и глупавите Августи. Веднаш по нив следуваат останатите маски, секоја со своја приказна.
Дефилето почнува околу 14 часот од почетокот на селото, а потоа низ главната улица до центарот, каде маскираните ќе го играат Василичарското оро.
Преку маските вевчанци испраќаат силни пораки да биде годината бериќетна, да има среќа, здравје и да се променат негативните работи во општеството. Се верува дека преку маските Василичарите го бркаат злото и прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар.
По Василичарското оро, зетот и невестата од двете маала ги посетуваат домовите на вевчанци со благослов за здравје и бериќет во Новата година, а од домаќините се дарувани со луканци, леб, пари и други дарови. Ноќта пак, придружувани од останатите соселани, одат на Вевчанските извори од каде полнат вода со која прават кашаник (зелник) во кој се става паричка. Кај тој што ќе се падне паричката се верува дека ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година.
Утре, на верскиот празник Свети Василиј одат на имендени или по вевчански визити во семејствата каде го има името на светецот. Доцна попладнето во центарот на Вевчани се собираат сите василичари, повторно играат оро и ги палат маските со симболика дека злото нема да се повтори. Вевчанскиот карневал, според некои записи датира од настанокот на Вевчани, со традиција од околу 15 века.
Присутните вечер ќе ги забавуваат Akustik band live, Наум Петрески, Оркестар со зурли и тапани Вевчани и Перо Бели и Коки Биортиам. Манифестацијата започна синоќа со Dj Ampov и Younge Daddy, а забавата продолжи со Игор Џамбазов со Гуру Харе бенд и Нокаут.