Денеска завршува новогодишната кошница

Новогодишната кошничка која траеше еден месец и беше формирана на иницијатива на бизнис секторот завршува денеска.

Таа вклучуваше речиси 1.200 производи. Надлежните очекуваа поевтинување на основните прехранбени производи за најмалку 10 проценти во споредба со цените во претходните 30 дена, додека граѓаните реагираа дека во реалноста цените не се намалени.

За разлика од „есенската потрошувачка кошница“ овој пат станува збор за акција, а не за одлука на Владата. Акцијата ја иницираа самите производители и дистрибутери.

Државниот пазарен инспекторат можеше да врши само мониторингот на цените во согласност со Законот за заштита на потрошувачи и Законот за трговија, односно се гледаа цените на производите кои се во Новогодишната кошница и најниските цени на истите производи кои биле во последните 30 дена.

На самиот старт на новогодишната кошничка имаше реакции од јавноста дека за сметка на одредени прехранбени производи коишто се намалени, значително поскапеле други производи кои не беа дел од кошничката.

Надлежното Министерство за економија и труд апелираше до трговците да се придржуваат до договореното, најавувајќи дека доколку тоа не се случи, ќе се активира одлука за замрзнување на цените или ограничување на маржите.

И покрај ваквата „новогодишна кошничка“, според податоците на Државниот завод за статистика, во декември 2024 инфлацијата била за 4,4 проценти повисока од истиот период во 2023, а најголем скок имало кај храната.

Власта претходно најави дека потрошувачки кошнички планира и во иднина во пресрет на поголемите верски празници.