Британскиот режисер Даниел (Дени) Френсис Бојл ќе го режира 25-от филм за Џејмс Бонд, а во улогата на тајниот агент 007 со „лиценца за убивање“ по петти пат ќе настапи Даниел Крег, објавија продуцентите на франшизата во петокот.
Продукцијата на филмот ќе започне во студијата „Pinewood“ во Велика Британија во декември годинава. Шеесет и едногодишниот оскаровец Дени Бојл ќе го прилагоди сценариото на Џон Хоџ, кој е познат по работата за филот на истиот режисер „Trainspotting“ од 1996 година.
Предвидено е сѐ уште неименуваниот филм за Бонд прво да биде прикажуван во Велика Британија во октомври 2019 година, а во САД еден месец подоцна, објавија во заедничко соопштение „EON Productions“, „Metro Goldwyn Mayer Studios“ (MGM) и „Universal Pictures“.
„Радосни сме што можеме да објавиме дека извонредно талентираниот Дени Бојл ќе го режира новиот филм за Џејмс Бонд, чиј лик петти пат ќе го толкува Даниел Крег во 25-то продолжение на франшизата“, изјавуваат продуцентите Мајкл Џи Вилсон и Барабара Броколи.
„. Единствена комбинација на иновативната режија на Дени и олицетворувањето на Даниел на агентот 007 осигурија дека едноставно моравме да бидеме партнери во следното поглавје од култниот серијал“, изјави Дона Ленгли, директорка на „Universal Pictures“, кој во проектот ќе биде меѓународен дистрибутер.
Претходниот 24-ти филм за најславниот агент „во служба на Нејзиното Височество“, кој беше многу фален од критиката се појави под насловот „Spectre“ а го режираше Сем Мендес, а ликот на Џејмс Бонд по четврти пат го толкуваше годишниот Британец Даниел Крег, по „Казино Ројал“ (2006), „Зрно утеха“ (2008) и „Скајфол“ (2012).
Епизодата „007:Spectrе“ требаше да ги заокружи темелите на трилогијата поставени со „007: Координати Скајфол“, како што тогаш беше најавено доколку постигне комерцијален успех, трилогијата ќе биде продолжена.
Премиерата на првиот филм за „тајниот агент 007 во служба на Нејзиното величество со лиценца за убивање“ се случила на 5-ти октомври 1962 година. Екранизацијата на шпионскиот бестселер на Јан Флеминг била толку успешна, што компанијата „EON Productions Ltd“, основана од продуцентите Алберт Р. Броколи и Хари Салцман, ги потпиша договорите за сите следни филмови од франшизата.
Во различни период насловниот лик го толкуваа Шон Конери, Џорџ Лезенби, Роџер Мур, Тимоти Далтон и Пирс Броснан.
Терминот „девојките на Бонд“ фановите на серијалот го употребуваат за актерките кои го толкуваат ликот на љубовниците или соработничките на агентот. Во изминатите повеќе од пет децении во оваа улога се појавија Урсула Андерс, Џејн Сејмур, Ева Грин, Олга Кириленко, Дениз Ричардс, Моника Белучи, Леа Сејду и други филмски диви.