Утре и задутре во Тетово се прогласени за денови на жалост. Оваа одлука денеска на вонредна седница ја донесе Советот на Општина Тетово. Исто така, одлучено е општината на загрозените семејства да им даде финансиска помош.
На вонредна владина седница, која што се одржа денеска, формирано е посебно координативно тело, како и тело за проценка на штетите.
Специјална комисија ќе врши проценка на штетите
Државата ќе интервенира во санација на државното како и приватното земјиште во Тетово, а специјална комисија во рок од 1-2 дена ќе направи проценка за понатамошни чекори.
Вицепремиерот Владимир Пешевски денес информираше дека се донесени заклучоци од специјалната седница на Владата за катастрофалните последици од невремето во Тетово.
Повеќе од 200 објекти, приватни куќи, државен имот, земјоделско земјиште и инфраструктура се оштетени во невремето што вчера го зафати Тетово. Сите жители кои претрпеле некаква штета ќе добијат помош од по 30 илјади денари, соопшти вицепремиерот Владимир Пешевски.
Првично ќе се изврши пребројување на сите семејства кои се зафатени од невремето кои веднаш ќе добијат еднократна парична помош во висина од 30 илјади денари, а во текот на овој и следните денови ќе се прави проценка на штетата на секој објект и во зависност од тоа ќе бидат обештетени сите – рече Пешевски.