Деновиве ќе се прецизира решавањето на проблемот со компресорите во хируршките сали, вели Таравари

Новиот министер за здравство Арбен Таравари, денеска ги посети хируршките клиники во Клиничкиот центар заради увид во дисфункционалноста на компресорите во салите. Тој изјави дека деновиве ќе добие извештај од испитувањата и се надева дека до петок ќе донесе дефинитивна одлука како ќе се реши проблемот – дали ќе може да се поправи постоечкиот систем на салите или ќе се инсталира нов.

–Разговарав со речиси сите директори и со директорите на општи служби. Тие велат дека во некои операциони сали воопшто нема мирис. Во некои, посебно во салите за абдоменална хирургија, постои одреден мирис и затоа анестезиолозите не дозволуваат да се функционира со централниот компресивен систем. Очекувам деновиве, утре или задутре, да добијам извештај од испитувањата што се направени и да видиме како да го решиме проблемот побрзо, рече Таравари.

Прашан како сега се одвива оперативната програма и дали е зголемен бројот на операции, Таравари одговори дека бројот на операции е редуциран, но потенцира дека не треба да се избрзува со решение и дека треба внимателно да се работи бидејќи станува збор за човечки животи.

– Дефинитивно е редуциран бројот на операции, меѓутоа функционира. Се уште нема долгорочно и сигурно решение. Не треба да се брза, се работи за човечки животи. Подобро да бидеме внимателни и да најдеме побргу долгорочно решение, бидејќи сепак огромен број на пациенти со сериозни болести се лекуваат тука, рече Таравари.

На прашањето дали доколку се оди со воведување на нов систем, истиот ќе биде готов до крајот на декември како што беше најавено, Таравари рече дека според стручните служби, за нов систем се потребни минимум шест месеци, но дека најпрвин ќе извршат увид дали може да се поправи постоечкиот.