Денвер му го продолжи договорот на Мелоун

Актуелниот НБА шампион Денвер Нагетс го продолжи договорот со тренерот Мајкл Мелоун, објави ESPN.

Во американските медиуми се шпекулира дека 52-годишниот стручњак ќе стане еден од најплатените тренери во лигата, но должината на новиот договор не е прецизирана.

Мелоун минатата сезона го предводеше Денвер до првата титула во историјата. Нагетс, предводени од Никола Јокиќ, одлично ја започнаа оваа сезона со осум победи и само два пораза.

Мелоун ја презеде клупата на Денвер пред сезоната 2015/16, со што стана четврти тренер со најдолг стаж во НБА лигата. Само Грег Попович (Сан Антонио), Ерик Споелстра (Мајами) и Стив Кер (Голден Стејт) се подолго во своите тимови.

Мелоун има впишано 375 победи на клупата на Денвер, што го рангира на третото место во историјата на франшизата зад Даг Моу со 432 и Џорџ Карл со 423 победи.