Градот, конечно, тргна во офанзива да ја уредува поранешната депонија „Вардариште“. Жителите од Аеродром и од Гази Баба веќе цела деценија во летниот период се задушуваат од неподнослива миризба што репризно се шири покрај кејот на Вардар. Црн чад тлее до раните утрински часови, локалните жители во страв за здравјето ги мина жештините со затворени прозорци, па градските власти под притисок на јавноста лани најави изработка на физибилити-студија, а сега и комплетна санација и пренамена на „Вардариште“, пишува Утрински.
Имено, Градот од својот Буџет за 2014 година ќе издвои 2 милиона денари за запечатување, ремедијациски технологии, собирање на гасот и изградба на постројката за производство на енергија. Освен ова, ќе се врши и континуиран мониторинг на средината и ќе се уредува просторот.
Извршителот ќе биде избран по пат на јавна набавка.
„Основна цел на физибилити-студијата беше да се утврди сегашната состојба на старата депонија ’Вардариште’, односно да се осознае степенот на контаминација на самиот терен, почвата, водите и амбиенталниот воздух, бидејќи според идните планови на ГУП, на локалитетот е предвидена рекултивација, уредување и користење на посочениот простор како простор за спорт и рекреација и заштитно зеленило“, велат од Градот, со што се исклучува можноста за повторно легализирање на „Вардариште“.
Правливата и запуштена „Вардариште“ од 2001 година е надвор од употреба, но дел од локалните граѓани упатуваа на нелегални активности и мирис на запалена гума, пластика, ѓубре и хемикалии што доаѓаат токму од депонијата. Други веруваат дека мирисот и густината на тој смог е многу потежок и потоксичен од железарскиот. Досега немаше конкретни извештаи од каде точно доаѓа и што ги загадува Аеродром и Гази Баба, па во јавните дискусии околу изворот на загадување не беше исклучена ниту можноста и почвата да е полна со токсичен отров.