Градското дерби на северноамериканската фудбалска МЛС лига меѓу екипите на Лос Анџелес Галакси и Лос Анџелес на стадионот „Роуз Боул“ го следеа дури 82.110 гледачи, со што беше соборен рекордот на посетеност на натпревар од МЛС лигата.
Градското дерби, познато и како „Ел Трафико“, привлече голем интерес кај гледачите и се одигра на 4-ти јули на Денот на независноста на Соединетите држави.
Натпреварот на „Роуз Боул“ во Пасадена привлече 82.110 гледачи, со што беше соборен рекордот на посетеност за натпревар во МЛС. Претходниот рекорд од 74.479 гледачи беше поставен на стадионот „Bank of America“ во Шарлот, на првиот домашен натпревар на Шарлот ФК на 5-ти март 2022 година.
„Кога имате 80.000 луѓе и енергијата на таков тип на стадион е околу вас, тоа доаѓа со чувство за нешто многу поголемо од можеби обичен ден за натпревар“, изјави главниот тренер на Галакси и спортски директор Грег Вани.
Галакси играше на „Роуз Боул“ во првите шест сезони, по што се пресели во својот спортски парк „Dignity Health Sports Park“ со капацитет од 27.000 луѓе во Карсон, Калифорнија.
„Беше убаво што се вративме, не се сеќавам дека беше толку голем“, додаде тој.
Галакси на крајот победи со 2:1 предводен од Тајлер Бојд и Рики Пуиг.
Бојд ги доведе домашните во водство во 26. минута на асистенција на поранешниот играч за врска на Барселона. Израмни Илие Санчез во 57. минута, а победата на Галакси ја донесе Пуиг во 73. минута, кому Бојд му се реваншираше со асистенција.
ЛА Галакси моментално е само на 13-та позиција од 14 екипи во Западната конференција со 19 бодови, додека ЛАФК е на третото место во конференцијата со 32 бода.