Дербито на северен Лондон во режија на Сон и Кејн, Шефилд и натаму без победа

Во дербито од 11-то коло на Премиер Лига во неделата, Тотенхем на својот терен со 2:0 го совлада Арсенал, во режија на најубиствениот тандем во англиското првенство.

Прво Кореецот Хеунг-мин Сон во 13 минута на аистенција на Хари Кејн погоди за водство на „Спарс“, а потоа во првата минута од судиското продолжение на првото полувреме Кејн на додавање од Сон го постигна, како што се покажа подоцна, конечниот резултат.

Сон во досегашниот тек од првенството има постигнао 10 голови и 3 асистенции, а Хари Кејн 8 погодоци и веќе 10 асистенции, додека во целото минато првенство имаше само три додавање за погодок.

За Кејн ова беше 250-от погодок во кариерата во 412 настапи: 202 погодока на 304 натпревари за Тотехем, 9 голови на 27 натпревари за Милвол, 5 гола на 18 натпревари за Лејтон, 2 гола на 15 меча за Лестер, а има постигнато уште 32 погодока во 48-те настапи за репрезентацијата на Англија.

Тотенхем така ја продолжи серијата од десет натпревари во Премиер лигата без пораз, во кои остврари седум победи и три ремија, па со 24 бодови остана на првото место на табелата. Арсенал, пак, кој во вториот дел против Тотенхем буквално целосно ја префрли играта на противничката половина е 15-ти со 13 бодови, и тоа е најлош почеток на сезоната за „Топчиите“ во последните 39 години.

Ливерпул во последниот неделен натпревар на својот „Енфилд“ потполно го надигра солидниот тим на Вулвехемптон. По првичното одмерување на силите „Редсите“ поведоа во 24 минута преку Мохамед Салах, а во вториот дел прецизни беа Георгино Вијналдум во 58, Жоел Матип во 67 минута, а во 78 минута Нелсон Семедо просто беше принуден да ја затресе сопствената мрежа.

Ливерпул повторно со 24 бодови се израмни со водечкиот Тотенхем, кого го пречекува по две кола. Вулверхемптон остана на 17 бодови, со кои се на 10-то место.

Шефилд јунајтед и натаму е единствената екипа сезонава во Премиер лига која сѐ уште е без победата откако во неделата на својот стадион беше поразен од Лестер Сити со 1:2, а победничкиот погодок го постигна Џејми Варди во 90 минута,.

Гостите поведоа со голот на Ајозе Перез кој погоди во 24 минута, а само две минути подоцна за Шефилд израмнување донесе Оливер Мекбарник. Меѓутоа Лестер од контранапад дојде до победата, кога домашниот играч Џон Флек згреши на центарот од игралиштето, а Медисон со добро додавање го исфрли напред Варди кој го постигна својот осми погодок сезонава во Премиер лигата.

Шефилд во 11-те кола има само еден нерешен исход, и е убедливо последен на табелата со само еден бод. Лестер, пак, со 21 бод се одржува на четвртото место, последното кое води директно во Лигата на шампионите следната сезона, два односно три повеќе од клубовите од Манчестер, односно Јунајтед и Сити, но кои имаат и меч помалку.

Во првиот неделен натпревар Вест Бромвич Албион претрпе тежок пораз на домашен терен од 1:5 од Кристал Палас. Се чини домашните не можеа да ги надминат шоковите откако на почетокот на мечот ја затресоа сопствената мрежа, а до крајот на првиот дел останаа и со ирач помалку.

Крсистал Палас дојде во водство уште во 8 минута кога бекот на ВБА, Дарнел Фарлонг постигна автогол. Во 30 минута домашните израмнија преку Конор Галагер, но веќе четири минути подоцна црвен картон доби Матеус Переира поради удирање на Ван Аанхолт, и тоа по проверката на ВАР-снимката. Играта на домашните во вториот дел едноставно се распадна, па гостите убедливот славеа со головите на Вилфред Заха во 55 и 68 минута, и на Кристијан Бентеке во 59 и 82 минута.

Вест Бромвич Албион е и натаму претпоследен 19-ти со само една победа сезонава и вкупно шест бодови. Кристал Палас, пак, напредуваше до 11-та позиција на табелата со 16 бодови.