
Политичките партии навремено да ја информираат Државната изборна комисија за изборниот датум за да може Комисијата да спроведе легитимни избори. Ова го бара претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, по непотврдените информации во јавноста дека се можни предвремени парламентарни избори во јуни или почетокот на јули.
Посочува дека учесниците во изборниот процес треба да седнат и да го договорат изборниот ден, но притоа да внимаваат на моментите произлезени од корона-кризата. Вели дека во изминатите два месеци до ДИК пристигнувале извештаи за починати лица, за нови полнолетни граѓани кои треба да се вметнат во списокот, потоа за промена на адреси или на лични карти. Има промени и во Избирачките одбори и Општинските изборни комисии.
„ДИК ќе ги спроведе изборите онака како што налага законот, меѓутоа мора да се внимава на сите моменти кои произлегуваат од оваа криза затоа што треба да се дојде до една стабилна ситуација во државата за да може да се организираат едни нормални избори“, вели Дерковски.
Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска велат дека изборите не им се приоритет иако на граѓаните им било јасно дека во секое време на избори ќе ја прегазат СДСМ.
„Во услови кога имаме де-факто кризна состојба во државата, еден од првите три приоритет на ВМРО-ДПМНЕ не е одржување на парламентарните избори. Најпрво, да се избориме за здравјето на луѓето, да ја вратиме економијата на победнички патека, па потоа може да размислуваме за избори“, рече Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ДУИ со став дека во секое време се подготвени за избори, било тие да се одржат во лето или на есен.
„Апсолутен приоритет ни е јавното здравје и победата над Ковид 19 за да се обезбедат нормални услови за продолжување на животот. Изборите се од секундарно значење и можат да се одржат откако ќе се создадат услови за безбедно реализирање на демократското право на секој граѓанин било кога тие да се одржат“, рече Артан Груби, ДУИ.
Од СДСМ велат дека се фокусирани на поддршка на институциите во борбата против коронавирусот. Од партијата велат дека прво мора заразата да се стави под контрола, па потоа кога општеството и државата ќе бидат подготвени, да разговараат и за самите избори.