Поминаа и десеттите парламентарни избори во Македонија. Впечатоците уште се средуваат. Општ впечаток е дека од аспект на заштита од коронавирусот беше безбедно, иако, сепак, треба да се почека периодот на инкубација. Во тек е поднесувањето приговори од партиите, па почнуваат преговорите за мнозинство за нова Влада. Во самиот финиш, кога гласањето заврши, се случи проблемот со веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК). Сето ова беше тема во денешниот „Стадион“ на „Канал 77“. Во емисијата гостуваа претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, професорот на Правсниот факултет во Скопје и некогашен премиер, Владо Бучковски, и кандидатот за премиер на ДУИ, Насер Зибери.
– Впечатокот за целокупната работа на ДИК го наруши само еден момент. Вечерта околу 22 часот, еден час по затворањето на избирачките места, беше хакиран нашиот сајт, нашата веб-страница, па јавноста не можеше да ги гледа резултатите што доаѓаа од избирачките места. Како што ни’ рече провајдерот, сме имале сериозен хакерски напад отстрана. Сето тоа го истражува МВР. Но, резултатот од изборите е тој. Броењето,сепак, не може да се опструира. ДИК успешно спроведе комплетна операција за организација на овие избори. Тоа се покажа во сите три изборни дена – истакна Деркоски.
На прашањето од слушател зошто недостасуваат повеќе од 2.000 избирачки ливчиња, претседателот на ДИК рече дека се работело само за грешка на техничката служба која денес ќе била отстранета. Информираше и оти досега биле поднесени седумдесетина приговори од Алијансата на Албанците, два од ВМРО-ДПМНЕ, неколку од помалите партии, а рокот за приговори истекува вечерва. Деркоски одговори и на прашањето од водителот Столе Наумов зошто ќе има значително поголем број Албанци во новиот состав на парламентот:
– Причина е изборниот модел. ДУИ, на пример, имаше среќа со помалата излезеност во неколкуте изборни единици во кои партијата има концентрација на избирачи и гласови. Тоа доведе кога ќе се примени Донтоовата формула за пресметка на мандатите прагот некаде да се симне на само 4.900 глсови за добивање пратеник. Од друга страна, на пример, во ИЕ-4 Левица со повеќе од 6.900 гласови не освои пратеничко место, Во иднина треба да се размисли за промена на изборниот модел, за некој што би овозможил еднаков пристап за сите. Но тоа е работа на политички договор. Една изборна единица би бил добар модел. Ако, на пример, беше така, Левица со вкупно освоените повеќе од 37.000 гласови ќе имаше барем пет пратенички места – рече Деркоски.
И Владо Бучковски смета дека Македонија треба да го практикува моделот на една изборна единица зашто така парламентот ќе се „прошарал“ со повеќе партии, ќе се освежел, а тоа ќе придонесело за развој на демократијата во општеството.
– Јавно го кажав својот став пред изборите дека очекувам мртва трка со фото-финиш , блага предност на СДСМ од еден-два мандата и можност Заев повторно да биде мандатар. Коалициските партнери кои ги влошија односите за време на кампањата, според мене, овој резултат ќе ги зближи. Очекувам ДУИ да биде реален и да се откаже од идејата Насер Зибери да биде премиер – нагласи Бучковски.
Насер Зибери рече дека не е член на ДУИ, оти бил непартиски номиниран кандидат и дека сака да биде премиер на сите граѓани на Македонија, а неговата национална припадност не би требала да биде проблем, потсетувајќи дека во земјава 30 години немало премиер Албанец, а дали тоа ќе се оствари останувало да се види.
– Господинот Али Ахмети по изборите се слушна со Касами, Гаши Тачи и т.н. Мислам дека тоа повеќе било куртоазно. Но, легитимно е да го зголеми својот потенцијал за преговарање. Доколку успее во тоа, сигурно ќе има поголеми шанси да ја оствари идејата што ја наметна. За Заев и Мицкоски, нивно право е да се обидуваат да обезбедат мнозинство. Ахмети е многу рационален политичар и ќе го извлече најдоброто, првин за неговите поддржувачи, но и за сите граѓани – истакна Зибери.