Десет невакцинирани македонски ракометари одат во изолација

Македонскиот ракометен прволигаш Тинекс Пролет во некомплетен состав ќе ги продолжи подготовките за новата сезона, откако десет невакцинирани играчи останаа во петдневен карантин при враќањето во Скопје од двомечот со шпански Гранолерс во квалификациите за Лига Европа.

Ракометарите, како што соопшти клубот, не се позитивни на коронавирус, но поради проблеми со тестирањето во Шпанија морале да останат во карантин согласно македонските протоколи.

„Клубот имаше уредно закажано PCR тестови во Шпанија неколку часа пред вториот натпревар што беше одигран против екипата на Гранолерс во саботата во 17:30 часот, за резултатите да бидат добиени до крајот на денот, се со цел со комплетна здравствена документација согласно домашните протоколи да допатуваме назад во Скопје. Тестовите на наше општо изненадување беа откажани во последен миг, не оставајќи воопшто време за „План Б“, бидејќи летот од Барселона за Скопје налагаше на аеродромот да пристигнеме пред 7 часот во недела наутро. Во една таква ситуација, сите ракометари на Тинекс Пролет кои не беа вакцинирани, поради немање на PCR тест при враќањето во Скопје согласно протоколите на Владата добија решенија за самоизолација. Станува збор за десет играчи кои во наредните денови ќе бидат надвор од тренажен процес“, соопштија од Тинекс Пролет.

Во клупското соопштение се наведува дека во текот на вчерашниот ден, овие десет ракометари биле соодветно тестирани и сите добиле негативни резултати на PCR-тестирањето.

„По овие негативни тестови, периодот на самоизолација се намалува на пет дена, со што ќе се забрза и нашето враќање на терените за што побрзо почнување со натпревари во домашната Супер-лига“, информираше клубот