Десет убиени во напад врз конвој на канадска компанија во Буркина Фасо

Најмалку десет лица се убиени во напад во источниот дел на Буркина Фасо врз конвој кој превезувал работници од рудник на злато во сопственост на канадската компанија „Semafo“, соопштиле во среда за Reuters повеќе извори.

Во споменатиот напад повеќе десетици рудари се ранети или се водат како исчезнати.

Компанијата „Semafo“ соопшти дека нападот е изведен меѓу рударските локации Фада и Бунгу, а безбедносни извори соопштиле дека конвојот налетал на импровизирана експлозивна направа на дел од патот каде што не работат мобилните врски.

Веднаш по експлозијата непознат број напаѓачи отвориле оган врз конвојот. На истиот пат минатата година во напад врз полициско возило беа убиени пет лица.

Од канадската компанија уште кратко соопштиле дека рудникот Бунгу е безбеден и дека активностите не се прекинати. Компанијата „Semаfo“ минатата година, по нападите на два нејзини рудника, ги зајакна безбедносните мерки.

Последните години делови од Буркина Фасо се зафатени од насилства кои ги предводат исламистите, а безбедносните сили досега не успеаваат да се справат со нив. Во последните три години насилствата од страна на џихадистиет и криминалците од соседно Мали го зафати донеодамна релативно мирното подрачје на Сахел.