Десетици демонстранти уапсени на протестите во Белорусија се исчезнати, тврди Тихановскаја

Десетици лица кои биле уапсени за време на протестите поради изборните резултати во Белорусија исчезнаа и им се губи траг. Европската унија не смее да ги заборави, изјави белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја која пребегна во Литванија од страв за сопствената безбедност, во интервју за „Политико“.

„Сакам да кажам дека многу луѓе во Белорусија сега се политички затвореници. Тие се во затвор без никакво судење и таму се само поради својата желба да говорат за она што се случува во Белорусија, за нивната желба да живеат во слободна земја“, рече Тихановскаја.

Таа потенцираше дека по демонстрациите се уште не се знае каде се околу 70 лица, додавајќи дека тоа е голем проблем, бидејќи во 21 век во една европска земја, како што рече, не смее да се случи луѓето да исчезнат, а властите да не прават ништо за да ги пронајдат.

„Сите го видоа насилство кое го спроведува нашата власт, како и полицијата врз сите овие мирни луѓе, а ниедна судска постапка не е покрената за тоа да се истражи, тие кривични дела, како тоа да е нормално… Не, не е нормално и треба да се покрене судска постапка против сите полицајци кои го тепаа овој народ“, изјави таа.

Тихановскаја даде интервју за „Политико“ ден откако десетици илјади луѓе повторно излегоа на улиците во Минск, додека Александар Лукашенко распореди огромен број полицајци за разбивање на демонстрациите. Клучните згради, вклучително и резиденцијата на претседателот кој го прославуваше 66-от роденден, беа опколени.

Опозициската лидерка изрази уверување дека протестите, како и работничките штрајкови ќе продолжат се додека Лукашенко не ја предаде власта и посочи дека неговите противници се подготвени за долга борба што може да добие нови форми.

„Штрајковите се исклучително важни, а штрајковите можат да имаат различни форми. Постојат многу начини, а демонстрациите не се единствените“, рече таа, додавајќи дека знаела дека ова нема да запре.

Во интервјуто, Тихановскаја го повтори ветувањето дека ќе ја води земјата само кон нови, слободни избори, нагласувајќи дека не планира да биде претседател долго време. Таа истакна дека главните предуслови за нови избори, и понатаму се ослободување на политичките затвореници, вклучувајќи го и нејзиниот сопруг Сергеј Тихановски, како и замена на сите членови на централната изборна комисија.